Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ја започна својата дипломатска турнеја низ Западен Балкан, ставајќи го во фокусот зајакнувањето на соработката и процесот на пристапување кон Европската унија. Оваа посета се смета за клучен чекор во зацврстувањето на односите меѓу ЕУ и земјите од регионот.
Денешната агенда на Коста започна во Тирана, каде се сретна со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а оствари и средба со студентите од Колеџот на Европа. По посетата на Албанија, Коста замина во Скопје, каде се сретна со премиерот Христијан Мицкоски.
Утре, на 3 јуни, високиот европски претставник ќе ја посети Приштина. Предвидени се средби со в.д. претседателката Аљбулена Хаџиу, в.д. премиерот Албин Курти и со лидерите на опозициските партии.
На 4 јуни, турнејата продолжува во Белград, каде Коста ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ и со претставници на граѓанското општество.
Посетата ќе заврши на 5 јуни во Црна Гора, каде Коста ќе копретседава со Самитот ЕУ-Западен Балкан. Централна тема на самитот е „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“. Пред почетокот на турнејата, Коста ја потврди силната посветеност на Унијата кон проширувањето, што претставува стратешки приоритет за стабилноста на целиот регион.



