Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево излезе со итно предупредување за ненадејна промена на временските услови во дел од земјава.
Според најновите сателитски и метеоролошки мерења на синоптичарите, регистриран е брз развој на нестабилност која веќе предизвикува невреме. „Во моментов има нестабилна облачна маса во планинските предели со појава на пороен дожд, грмежи и појава на град“, се вели во итното соопштение на УХМР.
Од таму дополнуваат дека оваа нестабилна маса не е статична и во моментов се движи во правец од запад кон исток. Граѓаните кои се наоѓаат во планинските предели, но и во населените места кои се на линијата на движење на облачноста, се повикуваат на зголемена будност.
Препораки за безбедност:
- Избегнувајте отворен простор: При појава на силни електрични празнења, не престојувајте на отворено.
- Внимавајте на дрвјата: Не се кријте под осамени дрвја за време на грмежи.
- Следете ги информациите: Останете информирани преку официјалните канали на УХМР.



