Финансиската полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска спроведе серија претреси во домови, деловни објекти и други локации низ земјата.

Акцијата се реализира по судска наредба во рамки на предистражна постапка за финансиски криминал и корупција. Според надлежните, постојат сомневања дека службени лица и други поединци ги злоупотребиле своите позиции, влијанието и угледот за да обезбедат значителна противправна имотна корист.

Во текот на операцијата, неколку лица се лишени од слобода. Истрагата е сè уште активна, а од Обвинителството потврдија дека акцијата е во тек, но одбија да дадат детали за идентитетот на приведените.

Иако во дел од медиумите неофицијално се појавија информации дека меѓу приведените е и поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, и дека е извршен претрес во неговиот дом, властите не ги потврдија овие наводи. Од Обвинителството нагласуваат дека не можат да изнесат повеќе детали во оваа фаза за да не се наруши текот на истрагата.