Заменикот премиер за добро владеење, Арбен Фетаи, поднесе оставка од својата функција. Овој потег доаѓа по неколкумесечни тензии и несогласувања со раководството на коалицијата ВЛЕН во врска со внатрешната организација и трансформацијата на коалицијата во партија.
Во својата оставка, Фетаи изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба и можноста да придонесе кон владината агенда. Тој особено го истакна ангажманот околу предлог-законот за правична и соодветна застапеност, кој има за цел да ги регулира основните принципи на Охридскиот рамковен договор.
„Горд сум што преку нашиот заеднички ангажман и конструктивна соработка, веќе го доставивме предлог-законот во собраниска процедура“, изјави Фетаи. Тој додаде дека во актуелните околности повеќе не постојат потребните услови за ефикасно извршување на неговата должност, оценувајќи ја оставката како најдостоинствен потег.
Иако оставката е официјализирана денес, Фетаи веќе неколку месеци не присуствуваше на седниците на Владата, поради раздорот со раководството на ВЛЕН. Конфликтот ескалираше кога тој се спротивстави на моделот за двојно раководење со партијата, при што неговото политичко влијание значително опадна.
Премиерот Мицкоски претходно потврди дека Фетаи најавил враќање во Брисел. Постои можност неговиот професионален потенцијал да биде искористен за позицијата специјален пратеник во администрацијата во Брисел.


