Артин Ислами и Феузи Џафери го минаа филтерот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со што се чекор поблиску до функцијата членови на Судскиот совет на Северна Македонија.

Комисијата гласаше со 7 гласа „за“ и ниту еден против, прифаќајќи го предлогот на пратеникот од коалицијата ВЛЕН, Беким Ќоку. Тој истакна дека изборот на овие кандидати е насочен кон зајакнување на стручноста и враќање на довербата на јавноста во судскиот систем.

Ова е трет обид на законодавното тело да избере членови на Судскиот совет од пријавените кандидати. Од вкупно седуммина пријавени на конкурсот, петмина не го поминаа филтерот: Сабедин Даути, Шпреса Даути, Елвир Исеини, Фатмир Емрулаи и Фадил Џелили.

За конечна потврда на нивниот избор, кандидатурите сега треба да бидат ставени на гласање на пленарна седница во Собранието.