Нивото на свест за важноста на менталното и емоционалното здравје на жените останува недоволно, а многу жени сè уште се двоумат да побараат помош од надлежните институции. Ова прашање беше во фокусот на неодамнешната конференција, каде се разговараше за потребата од вклучување на менталното здравје на мајките во јавните политики и обезбедување достапна психосоцијална поддршка.
Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ ја истакна итната потреба од поголема едукација во врска со мајчинството и здравата бременост. „Јасно е дека е потребно повеќе да се зборува за оваа тема бидејќи проблемот е широко распространет; 1 од 5 жени страда од постпородилна депресија“, изјави Павловски. Тој додаде дека менталното здравје сè уште е табу тема, што предизвикува многу жени да се чувствуваат изолирани и засрамени да побараат помош.
Од Центарот за истражување „Реактор“ истакнаа дека иако постојат стратегии и акциски планови, менталното здравје сè уште не се третира како составен дел на општото здравје. Ана Бојчевски Митревска од „Реактор“ посочи дека жените, особено мајките, се поподложни на психолошки тешкотии поради социо-економските фактори.
„Проблемот што го идентификувавме е дека дури и кога постои свест, нема јасни насоки за тоа каде мајката може да се обрати за да најде психосоцијална поддршка“, рече Бојчевски Митревска. Учесниците заклучија дека државата и институциите имаат одговорност да обезбедат достапна и финансиски прифатлива поддршка за да се заштити благосостојбата на жените за време на бременоста и во постпородилниот период.



