Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнаа едукативна кампања насочена кон безбедноста на корисниците на електрични тротинети. Целта е граѓаните да се информираат за законските обврски, правилата за безбедно управување и ризиците од сообраќајни незгоди.
Кампањата се реализира преку едукативно видео кое дава конкретни препораки за безбедно возење. Во видеото е вклучено сведоштво на лице кое преживеало сообраќајна незгода со тротинет, како и стручна анализа од лекар за сериозните здравствени последици од повредите при вакви несреќи.
Преку оваа иницијатива, надлежните институции сакаат да ја поттикнат одговорноста кај возачите на електрични тротинети. Фокусот е ставен на превенцијата и намалувањето на бројот на повреди во сообраќајот преку почитување на сообраќајните прописи.



